Образовни профили

Моделот на дуално стручно образование претставува комбинација од теорија и пракса при што образовните процеси се спроведуваат на две места, во компаниите и во стручните училишта.

© Getty Images/nd3000

Моделот на дуално стручно образование претставува комбинација од теорија и пракса при што образовните процеси се спроведуваат на две места, во компаниите и во стручните училишта. Компаниите се задолжени за спроведување на практичната обука, додека стручните училишта за посредување на теоретските содржини. На овој начин младите се стекнуваат со стручни знаења и вештини кои се барани на пазарот на труд.

Техничар за индустриска мехатроника

Преку програмата за дуално стручно образование на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, „Skills Experts“, од учебната 2018/2019 година се воведе нов четиригодишен образовен профил „Техничар за индустриска мехатроника“.Овој образовен профил е изработен по германски стандарди и овозможува зголемена практична обука во компанија (околу 50%). Согласно потребите на индустријата овој образовен профил се спроведува во 4 градови во земјата и тоа во Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид. Притоа средните стручни училишта се задолжени за спроведување на теоретската настава додека компаниите за практичната обука.

Со квалификацијата „Техничар за индустриска мехатроника“ се интегрираат знаења, вештини и компетенции од областа на електрониката, машинството и информатиката. Оттука квалификацијата мехатроничар наоѓа примена во повеќе индустриски гранки особено каде што има автоматизација на производните процеси.

По завршувањето на четиригодишното образование младите ќе имаат можност за директно вработување во компанијата каде што биле обучувани или пак да го продолжат своето образование на факултет.

Задачи на мехатроничарот:

• Инсталација и програмирање мехатронички системи

• Тестирање и регулирање на функциите на мехатронички системи

• Рачна и машинска обработка, сечење и формирање

• Оперативна и техничка комуникација

• Инсталирање на електрични склопови и компоненти

• Мерење и тестирање на електрични големини

• Составување на склопови и компоненти за машини и системи

Техничар за производно машинство

По иницијатива на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и компаниите партнери од учебната 2019/2020 година се воведе нова квалификација од машинската струка „Техничар за производно машинство“. Оваа квалификација интегрира знаења, вештини и компетенции од областа на современото машинство и информатиката. Наставниот план е направен по примерот на германското дуално образование и овозможува зголемен број на часови за практична обука кои ќе се изведуваат во компании. Теоретскиот дел е изработен по адаптирани наставни програми според потребите на компаниите и опфаќа исклучиво предмети во корелација со практичната настава.

Во соработка со компаниите и училиштата партнери квалификацијата „Техничар за производно машинство“ се изучува во Велес, Прилеп и Охрид, а од учебната 2020/2021 година паралелки за истата ќе се основаат и во Тетово и Скопје. По завршување на четиригодишното образование младите ќе имаат можност за директно вработување во компанијата каде што биле обучувани или пак да го продолжат своето образование на факултет.

Задачи на техничарот за производно машинство:

  • Производство и одржување на машини и опрема
  • Обработка на метали со деформација и режење
  • Избирање и припрема на уредите, алатите и другата опрема за преработка на пластична маса
  • Ракување со машини за преработка на пластична маса
  • Изработка и монтажа на метални конструкции
  • Изработка на алати
  • Ракување со ЦНЦ машини
  • Изработка на програми за ЦНЦ машини
  • Изработка и примена на техничко– технолошка документација